Wednesday, May 16, 2012

Долг


Чекам некого во автомобилот. Чекам внатре, надвор се спрема  невреме.  Сама сум, паркирана под  улична светилка. Автомобилов е ужасно валкан. Никогаш не сум била од оние кои секоја недела го носат автомобилот на миење, купуваат специјални патосници или освежувачи на воздухот. Мириса на отпушок  и баш ми е гајле. Едно време тоа беше твоја должност, затоа што еднаш пробав да го однесам автомобилов на менување масло, не ми го сменија па ми зариба моторот. Од тогаш ова веќе не е моја должност.  Оддамна немам сменето масло. И ете го моментот во кој почнувам да се потсетувам на сите будалаштини. Можно ли е да поминаа десет години?
Воздухот се претвора во крупни капки дожд. Се помешува со правта по стаклата, се тркала и слива правејќи сенки во различни облици. Со секоја капка дожд следи по една солза, со посвета во име на тие ебани десет години. Поголем дел од времето не сум свесна дека те сакам, се научив да им придавам значење на споредните животни активности, со тоа да го супресирам секое чувство за тебе, што сега се покажа сосем погрешно. Единствена мисла која ми дава мир сево ова време е дека јас навистина направив се. Толку многу и толку силно што на крајот останав сама без ништо, со празна душа и разранети очи. Ама и тоа е во ред. Не ти должам ништо, можеби и овој трибјут за едно минато време е премногу ама  некако пак си тука, пак си присутен.
Редовно се фаќам себеси како ми бегаат мислите, разуздани како тинејџрки во Кастро. Гласни и напорни, без никаква контрола.  Си ги прибирам и ги насочувам кон нешто продуктивно, нешто што не потсетува на тебе и твоите гиковски шеги. Твоите смешни мали заби, без ни малку растојание, затоа и толку кариес. Гаду еден. Те знам од копиљ, знам како дишеш, каде ти се сите бемки по телото и никогаш не се научи да си ги врзеш врвците нормално.
Фалиш, тоа е.
Во Скопје има една раскрсница што ми иде на нерв. Ја избегнувам. Кога неможе да се избегне тоа место возам побрзо за да не ме флешне некоја слика. Ја мразам таа раскрсница од дното на душава. Имам таму  неколку драмолетки одиграно како професионалец, се срамам небаре семафорите се сеќаваат на моите глупости, па бегам.
Давам шанса некој да ја пополни твојата страна од креветот. Сеуште е празно и скроз е глупо. Најглупо од се е тоа што додека сум во кујна, седам и зјапам од прозорецот се некако чекам да паркираш пред куќа. И Бен чека. Си чекаме така подолго време. Уживам во себе измачувањето сезона по сезона. И се така, одново, пролет, лето, есен и зима. Па, повторно од почеток.
Кога сакаш некого, сакаш цел свој живот. Понекогаш повеќе, понекогаш помалку, но сакаш. Не можеш да отсакаш туку така. Значи не било вистинско.
Надвор истура, повеќе не чекам, тргнав  кон дома, барем со кучето да се изгушкам.

Monday, May 7, 2012

Кафе


    Има некои љубови кои болат. Траат долго, а болат уште подолго. Tоа не е јака и краткотрајна болка.  Оваа е од оние кои тлеат и те клукаат, обично послабо ама долготрајно.  И знаеш дека работите неможат да бидат подобри ниту полоши. Такви се, какви што се и нема тука филозофии и скршени срца, нападнато его или лутење.
Тоа се љубови со кои  неколку пати месечно пиеш утринско кафе во молк. И секоја голтка те гори по грлото како отров. Но, продолжуваш да пиеш, зошто и тоа е љубов. Болна, како наместо пори во кожата да ти  ставаат игли. Но, љубов е.  Продолжуваш со ритуалот со години, молкум гледајќи во шољата исполнета со црна течност. Сакаш да смениш многу работи, а немаш снага и се надеваш дека ќе ти се оствари желбата од Бадниковата паричка.
   Кратко еспресо, никогаш нема време да почека да се олади кафето.  Има дваесетина минути на почетокот на денот, а јас сум среќна  што е тука.  Кога би знаел дека ме боли секоја негова линија околу очите. Ме боли желбата за неговите усни кога сум сама, неговите години и се негово што сакам да имам.Можеби го нема кога сум настината или кога ми е роденден. Но, кога работите тргнуваат на лошо, до мене е, мојата потпора, поради него сум силна.
    Чудна е таа љубов, во која навидум не бараш ништо за возврат. Неговите три зборови, значат повеќе од нечиви долги ноќи. Само сум среќна дека е тука и дека тие очи ме гледаат во тишина. Оваа војна со себеси ја изгубив оддамна. Чист хедонизам е горчината на течноста која ја испивам.  Сепак те сакам.


И би ти кажала, на тебе и на сите, но тоа не би сменило ништо. Затоа во молк ги земам моите дваесетина минути и ладно млеко, среќна што те имам и  волку малку. Но, секогаш кога е најлошо.

Friday, May 4, 2012

Последна цигара


Последната цигара е моментот во кој ги донесувам важните  одлуки.  Секогаш ја пушам сама, во тишина, пред спиење. Кога е темно и  надвор нема никој размислувам за тоа што се случувало во текот на денот, што сум згрешила и што можело да биде подобро. Понекогаш ритуалот на  последна цигара е и во рано утро. Исцрпена од сета лажна љубов околу мене од која ми се повраќа. Во последно време е така.
Синоќешната последна цигара ја запалив возејќи кон дома.  Поминувам со запалката и го отварам прозорецот од автомобилот.  Измешан мирис на бензин, цигара и зрела пролет. Скопје, мај, зрела пролет. Само што ова не е стих од Вртев, ова е мојот живот, прилично реален.
Се прашувам колку ли мисли можат  да ми прелетаат во времетраење на една цигара. Така и го мерам времето деновиве, годиниве.  Застанувам на семафор, градот е празен и подобро што е така.  Не би сакала да поделам ни тронка чувство со овој град исполнет со сенки. Луѓето овде изгубиле се што е човечко, наместо душа оставиле часовник кој ги потсетува кога е време за храна, суровост и умирачка.
И јас полека станувам сенка. Ова вечерва, беше мојот последен обид  да бидам крв и месо.
Можеби и излегов од дома со преголеми очекувања. Можеби и не требаше да излезам, но така останувам обвиткана со самотијата, а секоја потенцијална сиуација би била непостоечка. Добра или лоша, како ќе знаеш дека сеуште чувствуваш? Ако те повредиле, барем знаеш дека ете, сеуште си способен за љубов.
ххх
 И еве ме, 4 часа подоцна возам кон дома, со анализи и пресметки колку ќе ме чини твојата насмевка, твојата мекост и мојата непресметливост под тоа влијание. Сфатив дека можеби и не сум јас таа. Речиси сум сигурна дека не сум хероината која треба да те смени. Па, не се ни трудам. Се повелкувам навидум достоинствено, собирајќи ги парченцата од мојата внатрешност распрскани по тепихот како растурен бисерен ѓердан. 
Проклето его, ќе не убие сите. Ништи се пред себе.
Работи кои сум сакала да ги кажам- останале. Нешта кои сум сакала да ги направам- недовршени. Места да ги видам-непосетени.
Нема појако нешто од мојата  војска од бесчувствителни погледи, страв ми е од себеси тогаш.