Sunday, June 17, 2012

Прикаски на чаршав


Спарно време попладнево. Натежнале  облаци, а никако да заврне.  Ја гасам жедта со вода,  а со секоја нова голтка утробата возвраќа со нагони за повраќање. Вознемирена сум, не спијам со денови. Не јадам, не ни дишам.  Трепкам со надеж дека очните капаци ќе ми бидат појаки од солзите кои ги чувам во најголема тајност.
Тајна. Што знаеш ти за тоа? Што правиш кога ти затреперуваат зениците од тајна мисла?
За мене тајна се твоите дланки и твоите усни. Не откриени полињa, кои горат  за моите бакнежи. Кога се ти е на врв на јазик, а не смееш да кажеш,  кога се ти е на дофат, а не смееш да имаш, тоа е деноноќна борба со себеси.
Што знаеш ти за моите прикаски напишани на чаршав? Прикаски напишани во вакво попладне. Прикаски во кои ти велам дека наместо доручек би те праќала по презервативи, наместо храна би се нудела себе.
Што би знаел ти за тоа?
Што би знаел ти за водењето љубов, кога битно ти е чинот  да биде брз, гласен и јак. Тоа не е љубов,  не таква каква што мене ми треба.
Што би знаел ти за попладневно милување,  кога наместо тоа земаш две топки сладолед  изживувајќи се додека полека се топат. Тоа не е милување, тоа е суровост.
Што знаеш ти за посветеност, за утрински солзи? Никогаш не си останал буден за да ги броиш вдишувањата на таа до тебе. Си се облекувал и си заминувал криејќи се од првите зраци, од страв да не ти дадат повеќе од тоа што бараш.
И што имаш ти да кажеш за тоа што е љубов, кога не си ја ни помирисал, нити вкусил ниту пак си оставил  да те научат.
Си одбрал да бидеш слеп, глув и глуп на сите пориви за повеќе.
Бесплатно патење надвор од границите на разумот - ти.  И јас поглупава што те знам, а не сакам.
И кога те нема, како сега, застанувам на првиот шанк.  Земам што и да е, за дезинфекција и  пијам за да ме пече. Тој недостаток на твојата извитоперена љубов е заменлив со жестока болка од ефтин алкохол.
Ама, што би знаел ти за тоа.
Не е совршено. Не ни реков дека ќе биде. Никаде не пишуваше дека МОРА да биде.