Wednesday, March 28, 2012

Модринка


Не ја чувствувам  оваа мала модринка на десната надлактица.  Не знам како ја добив.
Најверојатно некаде помеѓу твоето милување и моите придушени звуци на одобрување. Помеѓу измешаниот вкус на благо, солено и луто.  Помеѓу  мирисот на рана пролет и дим од цигари. 

Таму некаде сосема изгубена во твоите раце, несвесна за светот кој минува,  пронајдов вкус на утринско кафе и капка вода да ја згаснам мојата бескрајна жед за се  што не е битно.  Да останам токму таму каде што сум.

Модринката ја забележав утрово.  Поминувајќи  со прстите, кожата сама побара да ја вкуси лепливоста на твоите прсти,  како никогаш да не биле раздвоени- мојата кожа и твоите прсти.

Секоја модринка има своја приказна.
Ќе речеш модринка е – поминува. Но, со таа модринка доаѓа приказна која не можеш да ја премолчиш, а не смееш да ја кажеш гласно.
Со оваа модринка започнува приказна која допрва би сакала да ја раскажам.