Tuesday, April 24, 2012

Твоето зелено и мојот кактус


Ехххх... Кога би можеле да бидеме нешто што не сме.
И кога би биле тоа што не сме,  би сакала совршено  да се разбираме со поглед.
Можам да бирам. Ова е моја фантазија, па би одбрала да бидеме различни.  Да знам како изгледа  изгрејсонцето  низ твоите очи, така наштимано до перфекција, а и ти да посакаш да видиш како изгледа мојата утринска хаотичност.
Ти најверојатно би се чудел како успевам да заборавам да ги полијам кактусите па овенале, а  јас не би разбрала зошто завесите се пеглаат.  Нека не врзува чиста љубов, едноставна и силна- како од црно бел филм.
Да станам пред тебе и во мир да гледам како се подигаат и спуштаат твоите гради при секој наплив на воздух. Да ги научам и најмалите вдлабнатинки околу твоите очи и секое седо влакно кое умешно го криеш велејќи дека има време за љубов. Најмил, времето за љубов е токму сега, во овој момент, во мојот ум.
Ја менувам мојата избрзливост за твоето трпение. Ги менувам сите мои будалаштини за твојата сериозност,  а  се што барам е  време, за што за возврат ти го подарувам светов. Толку многу различности.
Ама на крајот на денот, последниот чај би ни бил моментот во кој твоето зелено и моето црвено би правеле симфонија, симпатично надополнувајќи се како локум и чаша вода во петочно претпладне.

Friday, April 13, 2012

Баклава и црвени јајца


   Ова најверојатно е погрешен текст во погрешно време.  Но, овие приказни ги носам во себе, откако се сеќавам. Тие се мој сопатник низ животот, ми помагаат да имам верба во луѓето и тогаш кога друг би се откажал и би заминал.
Со тешко грло и влажни очи сакам да ви раскажам за сите тешки предрасуди кои јас и моето семејство сме ги поминале низ годините. Незнам од каде да почнам, најдобро би било од моментот кога за прв пат се соочив со различноста и сите прашања кои таа ги покренува.
Моето семејство, по таткова страна, е православно христијанско- стари скопјани, растени во Топаана. И јас сум родена таму. Се сеќавам дека од  десната страна први соседи ми беа тетка Селвет, малиот Ибраим и неговите постари браќа. Од  лева страна живееше тетка Ѓулистан. Јас и Ибраим сме врсници, разлика од неколку месеци. Првите детски спомени ми се како се пентариме на кајсијата во дворот, така и ја заработив лузната на левото колено која понекогаш, дури и по толку поминати години знае да жега при временски промени.  Ибраим појадуваше кај нас препечен леб, а јас кај тетка Селвет полнети гамби. Во градинка најдобрите другарчиња ми се викаа Емир, Кадри и Нерма.
Бев мала, седев на трпезариската маса кај мојата тетка и решавав задачи по математика. Тетин ми беше професор по математика, па секој викенд ми помагаше да го совладам материјалот кој никогаш не го засакав. Не се сеќавам како, но постарите околу мене наметнаа тема за роднини, па јас бев запрашана дали баба ми јаде свинско месо.
Не знаев дали баба ми јаде такво месо, незнаев ни зошто ме прашуваат, ама интонацијата на поставеното прашање беше толку понижувачка, што самата по себе значеше ништо друго освен чиста злоба. И си ги подголтнав солзите, како и повеќе пати понатаму низ животот. Нормално, дојдов дома и ги прашав татко ми и мајка ми:
-Дали баба јаде свинско месо?
Ме погледнаа зачудено и прашаа од каде ми истекнало тоа, па кога кажав кој ме прашал се им стана јасно.
Моите баба и дедо се македонски муслимани. Мојата мајка и најблиската рода го носат тоа муслиманско презиме кое завршува на ски. Корените на ова семејство потекнуваат со векови од источниот дел на оваа земја, биле земјоделци, ги обработувале своите ниви и чесно си го заработувале лебот. Меѓутоа со аграрната реформа и одземањето на имотите, како и неповолниот третман од тогашните власти, поголемиот дел од моето семејство се преселил во Турција. Едноставно неможеле да издржат да живеат во мизерни услови, се спакувале и ја напуштиле земјава. Поголемиот дел од нив живеат во Истанбул и Измир. Мајка ми вели дека имаме цели улици населени со членови од нашето семејство. Дел од нив доаѓаа речиси секое лето, но како што минува времето постарите членови веќе немаат сила, а помладите немаат интерес да ја видат земјата на своите предци, онаа иста земја која била сурова кон нив и поради чија суровост решиле да заминат.Понекогаш посакувам и моите баба и дедо да биле цврсти и поодлучни и тие да заминеле меѓу своите, зошто тука меѓу моите- е неверојатно тешко. Дедо ми, бил полицаец во времето на комунистичкото уредување. Во тоа време сите навидум биле еднакви. Немало поделба по вероисповест. Меѓутоа тоа презиме, на многумина им бодело очи, отсекогаш! Моето потесно муслиманско семејство за оваа земја дало еден полициски службеник од повисок ранг, еден пожарникар и 2 медицински сестри. За возврат добило само свртени глави  и не разјаснети причини за тоа.
Во средно, бевме група од петорица луѓе: јас, Елена, Ферди, Ерсин, Вања и Едис. Овие луѓе ги знам  14 години. Заедно ги преживувавме детонациите при бомбардирањето на Србија и се држевме за рака на последниот час по латински, во еден ладен и темен понеделник. Ќе го паметам тој ден дури сум жива.  Заедно си одевме накај дома во 2001ва година кога улицата Џон Кенедии не беше баш најбезбедното место за прошетка.  И деновиве заедно ги читавме вестите за закрвените националисти и се чудевме, како ние можеме да функционираме заедно толку многу години, а луѓето околу нас да се расправаат, тепаат и убиваат. Незнам што повеќе треба да се случи за еднаш да се надминат тие примитивни сфаќања за поделба на човека по вероисповест. Никогаш во овие 14 години не се случила расправија во која некој би вмешал националност или вера. Сме се расправале зошто некој не купил цигари, не дал да препишеме математика и зошто не избегал од часови заедно со другите.
 Целиот свој живот сум голтала предрасуди на својата кожа, од блиски и подалечни.  Сум била понижувана, оставана и не сакана. Сетоа тоа заради тоа што не сум се срамела да кажам дека јас сум дете од мешан брак.  Резултат на љубовта помеѓу моите родители- љубов која сеуште трае. Во домот кој моите го изградиле се почитува секој кој ќе влезе, без разлика на националност или вери, зашто и јас, како и моите родители сме растени помеѓу луѓе.
Никој не се потрудил да разбере колку е убаво за Бајрам да ја јадеш баклавата на Фатима (сестра на баба, бидејќи баба не знаеше да готви), а за Велигден да се кршиш со јајцата на Стојне(тетка ми, бидејќи на мајка ми ниеднаш не и испаднале добри јајцата).Никој не ни помислил со каков сплет на култури и  обичаи кои налукуваат еден на друг бил исполнет  мојот живот. Какви пријателства и какви тајни видела мојата душа. 
Прв пат бев во црква за еден Велигден, носев црвено капутче и црвени чевличиња. Ми објаснија дека треба да се протнам под масата и да го оставам најубавото вапцано јајце во корпата.  Чекав ред за да се протнам под масата.  Редот се движење бавно и бев љубопитна. Забележав дете, постаро неколку години од мене, со метални протези како со помош на една повозрасна жена се протнува под масата- длабок поклон пред Бога, за здравје, среќа и љубов.  Сите го вртеа погледот, никој не сакаше на таков ден да си го расипува расположението со кутриот инвалид кој со последните сили се влече под масата. Само неговата мајка со последниот атом енергија упорно го буткаше да се протне. Го паметам ова како да се случило денес. Понекогаш и го сонувам, можеби затоа сликите ми се толку јасни. Се прашувам дали тоа момче сеуште ја има таа јака верба во Бога и дали вредело протнувањето. Неговата мака тој ден...
Последните убиства во Скопје, сите тие ефтини муабети и приказни кој и зошто би убил млади луѓе на ваков ден ме наведе да ја раскажам мојата приказна. Верници или не, од која и да сте религија, пред се бидете луѓе. За почеток,  не сте воспитани од камења за да бидете бездушни и да ништите се пред себе. Затворете ги устите и за промена размислете. Да, чудо се иконите кои смениле боја во црквите. Чудо се и оџите кои отстрануваат црна магија. Чудо се и оние кои на грмотевиците им даваат научен пристап. И тоа е во ред, се додека се почитуваме и се сакаме. Различноста не е лоша работа. Кој видел лошо од вапцани јајца и вкусна баклава? Постојат само добри и лоши луѓе- а не добри и лоши вери. Затоа не само во овие денови, туку секој ден, размислувајте до каде сте со својата човечност, со својот морал и етика.
За тоа што се случи вчера, ќе кажам дека сочувствувам со семејствата, на тие семејства им е одземено правото да имаат сопруг и татко, да имаат млад човек-матурант, одземено им е правото на внуци и поколение- цел еден космос од мигови. 
Кога ќе убиеш човек, крадеш живот.  Тие- кои тоа го сториле треба соодветно да се казнат, а тоа без жигосување за припадноста...

Sunday, April 1, 2012

Разубедуваш и повредуваш


Не би сакала да знам каде си се разбудил утрово, ако тоа не било под моите чаршави намирисани со воздишки.
Не сакам  да знам  дали по петтиот коњак си собрал храброст да и возвратиш на љубезноста.
И не би прашала за чии очи си градел светови кога целиот  мој  имагинарен космос  го рушиш со едно пукање на прстите.
Немам повеќе сила да ги измијам  своите гревови со утринското плакнење на лицето,  ниту пак храброст   да ги простам твоите.  Стојам немо пред себеси,  со потонати хартиени бродови и размислувам што да облечам- меланхолија или депресија. Што  би се сложувало со браздите од  лошата перница и оваа непроспиена ноќ.
Не би ти зборувала додека го пиеш кафето, не би те ни гледала – а, морам.
Морам,  душава сака така, уште малку дур да соберам сила да те напуштам засекогаш.  Неможам против себе- бар не сега и не вака.  Неможам туку така да те отсечам од крвотокот чија причина за проток до пред некое време беше биењето на твоето срце.   Ми треба време да ја надминам слабоста на твоите зборови кои и непријателска војска би навеле на мир.
Ритуалот на утринско премолчно простување, присутен речиси секое утро на оваа маса, но денеска е неподнослив.  Доволно блиску за војна, а толку далеку за љубов. Каква би била оваа војна во која јас немам сила ни за збор пострашен од  “зошто?.
Разубедуваш и повредуваш. Така добро, со вештина на искусен трговец , два збора и еден допир за уште три ноќи одрекување.

Нема ништо потажно од љубов во замирање. Чувствуваш како полека се лизга од прстите тоа купче волница смоткано  во гнездо од спомени. Го  потегнеш  ли конецот,  се расплеткува клопчето. Подобро да остави го така. До наредната потреба за конец, за спомен, за нов џемпер и потреба од топлина.