Tuesday, April 24, 2012

Твоето зелено и мојот кактус


Ехххх... Кога би можеле да бидеме нешто што не сме.
И кога би биле тоа што не сме,  би сакала совршено  да се разбираме со поглед.
Можам да бирам. Ова е моја фантазија, па би одбрала да бидеме различни.  Да знам како изгледа  изгрејсонцето  низ твоите очи, така наштимано до перфекција, а и ти да посакаш да видиш како изгледа мојата утринска хаотичност.
Ти најверојатно би се чудел како успевам да заборавам да ги полијам кактусите па овенале, а  јас не би разбрала зошто завесите се пеглаат.  Нека не врзува чиста љубов, едноставна и силна- како од црно бел филм.
Да станам пред тебе и во мир да гледам како се подигаат и спуштаат твоите гради при секој наплив на воздух. Да ги научам и најмалите вдлабнатинки околу твоите очи и секое седо влакно кое умешно го криеш велејќи дека има време за љубов. Најмил, времето за љубов е токму сега, во овој момент, во мојот ум.
Ја менувам мојата избрзливост за твоето трпение. Ги менувам сите мои будалаштини за твојата сериозност,  а  се што барам е  време, за што за возврат ти го подарувам светов. Толку многу различности.
Ама на крајот на денот, последниот чај би ни бил моментот во кој твоето зелено и моето црвено би правеле симфонија, симпатично надополнувајќи се како локум и чаша вода во петочно претпладне.

No comments:

Post a Comment