Не би сакала да знам каде си се разбудил утрово, ако тоа не
било под моите чаршави намирисани со воздишки.
Не сакам да знам дали по петтиот коњак си собрал храброст да и
возвратиш на љубезноста.
И не би прашала за чии очи си градел светови кога
целиот мој имагинарен космос го рушиш со едно пукање на прстите.
Немам повеќе сила да ги измијам своите гревови со утринското плакнење на
лицето, ниту пак храброст да ги
простам твоите. Стојам немо пред
себеси, со потонати хартиени бродови и размислувам
што да облечам- меланхолија или депресија. Што
би се сложувало со браздите од
лошата перница и оваа непроспиена ноќ.
Не би ти зборувала додека го пиеш кафето, не би те ни
гледала – а, морам.
Морам, душава сака
така, уште малку дур да соберам сила да те напуштам засекогаш. Неможам против себе- бар не сега и не вака. Неможам туку така да те отсечам од крвотокот
чија причина за проток до пред некое време беше биењето на твоето срце. Ми треба време да ја надминам слабоста на
твоите зборови кои и непријателска војска би навеле на мир.
Ритуалот на утринско премолчно простување, присутен речиси
секое утро на оваа маса, но денеска е неподнослив. Доволно блиску за војна, а толку далеку за
љубов. Каква би била оваа војна во која јас немам сила ни за збор пострашен од “зошто?”.
Разубедуваш и повредуваш. Така добро, со вештина на искусен трговец
, два збора и еден допир за уште три ноќи одрекување.
Нема ништо потажно од љубов во замирање. Чувствуваш како
полека се лизга од прстите тоа купче волница смоткано во гнездо од спомени. Го потегнеш ли конецот,
се расплеткува клопчето. Подобро да остави го така. До наредната потреба
за конец, за спомен, за нов џемпер и потреба од топлина.